14.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото: Pixabay
СВЕТ

Продолжува судењето за шпанските „украдени бебиња“ во времето на Франко

Првото судење во Шпанија поврзано со илјадници случаи на бебиња украдени од нивните мајки за време на диктатирата на Франко продолжи денес во судот во Мадрид, неколку децении по избивањето на скандалот, пренесува „Локал“. Едуардо Вела (85), поранешен гинеколог на клиниката во Сан Марион во Мадрид, е обвинет дека во 1969 година ја одзел Инес Мадригал, сега на возраст од 49 години, од нејзината биолошка мајка и ѝ ја дал на друга жена која била лажно запишана како нејзина мајка.

„Ова е важен ден. Се надеваме дека судењето ќе заврши денес и ќе почне фазата на изрекување казни”, изјави Мадригал.

Активистите велат дека стотици слични случаи кои датираат од десничарската диктатура од 1939 до 1975 година не успеаја да стигнат до судот во Шпанија поради недостиг од докази или зашто рокот за поднесување обвиненија е поминат. Во темното и често игнорирано поглавје од диктатурата на генералот Франциско Франко, новороденчињата на некои левичарски противници на режимот, како и на невенчаните или сиромашните двојки, им биле одземени на нивните мајки и дадени на посвојување. На мајките им било кажувано дека нивните деца ненадејно умреле неколку часа по раѓањето и дека болницата се погрижила за нивниот погреб, но всушност биле дадени или продадени на друго семејство.

Крадењето на бебињата почнало во 1950-тите откако Франко дојде на власт по граѓанската војна од 1936-1939 година меѓу левоориентираните републиканци и конзервативните националисти лојални на генералот. Тоа беше дел од напорите за прочистување на Шпанија од марксистичкото влијание. Практиката подоцна била проширена и кај новороденчињата од сиромашните семејства, како и вонбрачните бебиња. Енрике Вила, адвокат кој детално пишуваше за скандалот со „украдените бебиња”, рече дека судењето на Вела може да обезбеди морално охрабрување за другите жртви да покренат судски парници.

„Има десетици лекари и калуѓерки низ Шпанија кои се виновни, а кои сè уште се живи“, изјави тој за „Франс прес“.

За време на воведното испрашување на судењето на 26 јуни, Вела изјави дека не може да се сети на деталите за тоа како работела клиниката што тој ја водел 20 години, до 1982 година, и за која се верува дека била центар за трговијата со бебиња, и тврдеше дека потписот на изводот на Мадригал не е негов. Вела пристигна во судот во инвалидска количка. Сè уште нема датум за изрекување пресуда иако адвокатот на Мадригал, Гилјермо Пена, изјави дека тоа може да потрае и еден месец.

„Сега можеме да кажеме дека ќе имаме пресуда со докажани факти. Досега имавме само обвинувања”, додаде тој.

Освен Вела, треба да сведочат уште шест други лица, меѓу кои и новинар од француската државна телевизиска станица „Франс 2“, кој со скриена камера го снимил Вела кога признал дека ја дал Мадригал како „подарок”. Обвинителите бараат 11-годишна затворска казна за фалсификување официјални документи, незаконско посвојување, незаконско притворање и потврдување непостоечко раѓање.

Системот за кражба на бебиња ја надживеа и смртта на Франко во 1975 година и продолжи како нелегална мрежа за шверц со бебиња до 1987 година, кога беше воведен нов закон со кој се регулираше посвојувањето. Активистите проценуваат дека со него десетици илјади бебиња биле украдени од своите родители. Случаите потсетуваат на настаните што се случија за време на воената диктатура во Аргентина од 1976-1983 година, каде што судовите изрекоа долги затворски казни за системската кражба на бебиња од политичките затвореници.

Спонзорирано: