17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Груевски: Ќе ме апсат пред референдумот

Огромната пропаганда на власта против мене и моите соработници се сведува на предмет со кој сакаат да ме затворат во предвечерието на референдумот во предмет во кој сум влијаел да се набави службено блиндирано возило за МВР во кое сум сакал да се возам. Да не беше трагично ќе беше смешно, рече Никола Груевски на прес-конференција во Собранието.

Тој рече дека имал сериозни сознанија околу случувањата во Апелациониот суд, а во врска со предметот „Тенк“. „Имам сигурни сознанија дека на 30 август, откако се одложи седницата поради мое присуство и присуство на адвокатите на друго судење, в.д. претседателката на Апелациониот суд, Лидија Димчевска, очигледно откако врз неа било направено политичко влијание, ги повикала сите судии од судскиот совет во ‘Тенк’со директно барање седницата наредниот ден по секоја цена да биде одржана и да донесат осудителна одлука и да ме прогласат за виновен со цел да бидам затворен што е можно побрзо“, рече Груевски.

Тој вели дека има сознанија дека имало предлог казната да се намали под една година за да нема право на жалба и дека планот бил утредента, на 31 август, да почне и заврши седницата, а веќе следниот петок да се објави пресудата.

„Било укажано дека за истото судијката има добиено инструкции од многу повисока инстанца и барала од секој судија поединечно да ѝ потврди дека ќе гласа согласно со сугестијата, а ако не може да прифати да се повлече и да отстапи на друг кој ќе гласа според политичкото влијание“, рече Груевски и додаде дека ова е дно на сите дна во кое е доведено македонското судство.

Тој продолжи дека повеќето од судиите првично се спротивставиле укажувајќи дека првостепената одлука е незаконска и дека има огромни пропусти, но, сепак, повеќето подлегнале на притисокот освен една личност која била заменета. Таа замена, додаде Груевски, согласно сознанијата не била извршена според АКМИС-системот.

„Стравувајќи за својата позиција во моментот, иако потврдиле дека ќе го поддржат барањето, судиите очигледно барале начин информацијата да излезе од тесниот круг. Напоменувам дека не се работи за судии кои не ја познаваат својата работа, напротив се работи за искусни судии, но под огромен политички притисок“, рече Груевски.

Тој потсети дека во петокот му бил закажан термин на седница кога сите негови адвокати присуствувале на друго рочиште за настаните од 27 април, каде судијка е Добрила Кацарска.

„Намерата беше да останам сам, да може полесно да се протурка седницата. Уште поинтересно е дека за продолжението за седницата за утре пола мои адвокати се повикани на друго рочиште каде судијка е Кацарска“, рече Груевски.

Тој истакна дека одлучил утре ниту тој ниту адвокатите да не се појават на јавната седница во Апелациониот суд. „Ете им можност на судиите и без мене да донесат пресуда каква што прифатиле како обврска да ја донесат. Мене не ме суди судот туку политиката“, рече Груевски.