24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРЕСПАНСКИ ДОГОВОРМАКЕДОНИЈА

(Видео) Мицевски: СДСМ врши притисок врз вработени во јавниот сектор непосредно пред референдумот

Преместувањата на административни службеници на работни места надвор од нивното место на живеење стана инструмент за замолчување на партиските неистомисленици, а партиските послушници се унапредуваат надвор од закон, изјави денеска Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој обвини дека актуелната власт врши притисок врз вработените во јавниот сектор.

Според Мицевски, врз вработените се вршат секојдневни притисоци и закани, се забранува учество и работа во синдикална организација, односно, како што рече, со притисоци и заплашувања се инсистира на излегување од синдикат или на премин во друг синдикат, кој според раководството е подобен и е под контрола на власта.

„Спротивно на Законот за работни односи, Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, Раководните лица немилосрдно се изживуваат со вработените, изнудуваат барања за уназадување и откажување од раководен службеник, незаконски унапредува и овластува лица со јавни овластувања доколку се политички подобни или блиски со функционерот, за редовни работни задачи се информираат и се задолжуваат само подобните, односно се врши дискриминација“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата.

Тој исто така јавно упати и повеќе прашања меѓу кои и колку лица во институциите се унапредени со овластување од Министер или Директор и врз основа на кој закон овие функционери го црпат правото да унапредуваат, како и кога ќе се запре со заканите и уцените кон синдикалните здруженија и членовите на синдикат.

„Граѓаните и даночните обврзници очекуваат од институциите конкретни одговори а вие имате обврска да дадете отчет и воедно да создадете услови за пристојна работа, без закани и уцени“, подвлече Мицевски кој додаде и дека без почитување на правата на работен однос не е возможно да се интегрираме и напредуваме како општество и како држава.