17.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ОМД: Борбата против корупцијата е основен предуслов за европска перспектива

Групата земји од Советот на Европа со мандат да ја следи усогласеноста во стандардите во борбата против корупцијата и организираниот криминал, попозната како ГРЕКО, во својот последен извештај за Македонија ја нагласи потребата од значителни реформи и напори за конечно приближување на земјата до европските антикоруптивни практики.

Додека, според ГРЕКО, Македонија не бележи напредок во борбата против корупцијата во законодавната, извршната и во судската власт, според Обединетата македонска дијаспора (ОМД) борбата против корупцијата е основниот индикатор за тоа колку една земја е спремна за интеграција и членство во Европската Унија.

„Извештајот на ГРЕКО, кој ја вбројува Македонија во групата земји со разочарувачки напредок, укажува дека само шест од вкупно деветнаесет антикоруптивни препораки се спроведени во пракса. Според групата на Советот на Европа за борба против корупцијата, единствениот делумен напредок во Македонија е усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет (од декември 2017 и мај 2018 година), а најголемото разочарување во земјата е забележано во контроверзното работење на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК)“, се вели во соопштението.

ОМД верува дека корумпираното работење на институциите не само што ја назадува Република Македонија и ѝ штети на нејзиниот углед како држава туку воедно го одложува и нејзиното членство во Европската Унија. Очекувањата дека со промена на името на земјата Македонија би се стекнала со кандидатски статус во Унијата, во кои околности пробемот со корупцијата би станал минато, ОМД верува дека се погрешни.

Според ОМД, решавањето на проблемот со корупцијата е предмет на домашна политика и предуслов за членство во Европската Унија, а не променлива вредност зависна од меѓународниот фактор и бенефит од членство во европското семејство.

Со цел успешно справување со корупцијата и подобрување на угледот на Република Македонија во меѓународната заедница, ОМД препорачува користење на придобивките од технолошкиот развој во следење на работата на институциите, поставување унифицирана казнена политика, која важи еднакво за сите, без право на политички имунитет, практикување поголема инклузивност на владиниот, цивилниот, корпоративниот, академскиот и медиумскиот сектор во донесувањето одлуки, препознавање добри практики, кои би служеле како поттик и пример за другите општествени фактори, воведување транспарентност во институционалните расходи, поедноставување на бирократските процеси за поефективна администрација, како и имплементирање на меѓународните препораки и конвенции во борба против корупцијата.