14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бектеши: Еден милион туристи годинава ќе ја посетат Македонија

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека согласно податоците на Државниот завод за статистика, во врска со зголемувањето на бројот на туристи, очекува годинава да биде остварена целта од еден милион туристи, со 3 милиони ноќевања кои ќе ја посетат земјава.

„Само во јуни, годинава, во земјава престојувале 102.327 туристи, кои оствариле 243.175 ноќевања, а заклучно со јуни влегле вкупно 433.361 турист, односно имаме вкупно 923.855 остварени ноќевања“, истакна Бектеши.

Во периодот јануари – јуни 2018 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 16.4 проценти – кај домашните туристи има зголемување за 9.3 проценти, а кај странските зголемување за 19.8 отсто.

Според министерот, учеството на туризмот во БДП се очекува да биде околу 3 проценти, со оглед на тоа што проекцијата до 2020 е тоа да биде 4 отсто, а овој континуиран раст на бројот на туристи автоматски ќе значи и поголем девизен прилив.

„Ова е знак дека се движиме во вистинска насока, а политиките се одлично поставени. Влезот на Република Македонија во НАТО ќе значи и отстранување на последната бариера што често пати е споменувана од странските туристи кои ја заобиколувале нашата земја, а тоа е прашањето околу поголема сигурност и безбедност. Но, тоа ќе значи и засилени инвестиции во туристичката инфраструктура, што секако ќе придонесе за развој на туристичкиот сектор“, потенцираше Бектеши.

Тој додаде дека земјите од регионот кои се дел од НАТО или ЕУ, веќе го почувствувале значењето од членството во насока на засилен економски развој, вклучувајќи и развој на туристичкиот сектор.