7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Нова фитнес-зона во Карпош

На кејот на реката Вардар, во близина на алпинистичката карпа, денеска е поставена нова фитнес-зона, уште едно спортско катче во општина Карпош.
Во рекреативната зона на кејот присуствуваа повеќе спортски клубови чии спортисти имаа шанса да вежбаат на справите што ќе бидат достапни за сите граѓани.

Оваа фитнес-зона е донација од компанијата „Бимилк“. Во оваа пригода градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, ги поздрави општествената одговорност на компанијата и покажаната грижа за развивање на здравите навики кај граѓаните и локалната заедница.

– Задоволство ми е што фитнес-зоната се надоврзува токму на овој потег, каде што граѓаните во овој период од годината традиционално спортуваат и се активни – рече Богоев.

Градоначалникот напомена дека на оваа локација, од алпинистичката карпа до бунарите на реката Вардар, ќе биде изграден и новиот парк, кој дополнително ќе го облагороди просторот со ново зеленило и содржини, како и парк за миленици, така што целиот комплекс покрај Вардар во овој дел на кејот ќе биде исклучително атрактивна рекреативна зона во Карпош.

– Главниот фокус на нашата компанија е здравјето, и тоа не само преку обезбедување здрави млечни производи за нашите потрошувачи туку и преку континуирана поддршка на рекреацијата и спортот – истакна Полексена Јанкуловска, маркетинг-менаџер во „Бимилк“.

Оваа т.н. баланс + зона има цел да го поттикне здравиот начин на живеење и на директен начин да придонесе за зголемување на физичките активности на граѓаните.

Локалната самоуправа продолжува да работи на омасовување на спортот и подобрување на спортската инфраструктура. Оваа година беше отворена и новата современа фитнес-зона во Карпош 4.