13.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ има намера да ја одземе независноста на регулаторните тела за медиуми

ВМРО-ДПМНЕ не го блокира носењето на законот за медиуми, велат од опозициската партија како реакција на прес-конференцијата на Здружението на новинари на Република Македонија (ЗНМ).

Како што појаснуваат оттаму, тие се обидуваат да издејствуваат подобро решение кое ќе гарантира поголема независност на регулаторните тела за медиуми и ќе ги направи отпорни на притисоците на власта.

„Главната цел на искажаните ставови последните денови е тенденцијата на ‘министерот за вистина’, Роберт Поповски, како и на министерот за партизација на администрацијата, Дамјан Манчевски, за комплетно одземање на независноста на регулаторните тела за медиумите во Република Македонија“, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека поднеле 60-тина амандмани кои произлегле од јавната дебата при креирање на предлог- текст за закон.

„Се работи за амандмани кои спречуваат партизација преку начинот на избор на членовите на регулаторните тела. СДСМ и Роберт Поповски бараат начин веднаш, со политичка одлука, да бидат вметнати партиски кадри во овие тела. Со тоа пред истекот на рокот би се прекинал мандатот на актуелните членови. Притоа, ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со наведените критериуми кои ги предлага СДСМ и нивното Министерство за вистина. За дел од нив се бара да бидат како дополнителна вредност при следното конкурирање за избор на членови, а не главен предуслов, со што би се избегнало токму фаворизирање на лица блиски на СДСМ, што е целта на актуелното решение“, сметаат од опозициската партија.

Оттаму велат дека јавноста сведочи за незапаметен притисок од министри и врз јавниот сервис МРТ и врз регулаторното тело АВМУ.

„Притисокот секако не е без политичка заднина. Сепак, од оние кои треба да бидат на страната на медиумите, нема ниту збор, ниту за нападите од министрите врз МРТ, ниту пак за омаловажувањата и физичките напади врз новинарски екипи. Притисоците врз регулаторните тела и воопшто притисокот врз медиумите, креиран од актуелната власт, се и дел од забелешките кон новата власт заради кои Република Македонија не доби датум за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ“, се наведува во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ изрази жалење што јавноста повторно е изложена на обиди за манипулација со вистината и што преку владините инсталации од нив се кријат вистинските причини за инсистирањето на законско решение кое нема да допринесе за вистинско информирање.

Спонзорирано: