11.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Работник во Јапонија казнет бидејќи на пауза заминал три минути порано

Вработен во управата за водостопанство во јапонскиот град Кобе бил казнет поради тоа што на пауза заминал три минути пред однапред одреденото време. Неговите претпоставени за ваквата постапка на работникот дури свикале и прес-конференција на која како жално го опишале непристојното однесување и јавно се извиниле за целата ситуација.

Покрај тоа, откриле дека 64-годишникот ваквото поведение го повторил 26 пати во последните седум месеци, пренесува Japan Inside. Тој бил казнет со неколку илјади јени и добил укор.

„Терминот за ручек во нашата компанија започнува точно напладне и трае до 13 часот. Работникот направил грешка бидејќи го напуштил работното место неколку минути порано, што претставува кршење на внатрешните правила на компанијата“, изјавил портпаролот.

„Многу е жално што дојде до вакво кршење на кодексот за однесување. Жал ни е“, изјавиле на конференцијата за медиуми, претставници на компанијата.

Работникот го прекршил Законот за државни службеници во кој се наведува дека тие треба да бидат строго концентрирани на работата.

Работната култура во Јапонија може да биде фатална, како што се покажа во повеќе случаи досега. На пример, светските медиуми го истакнуваат случајот со Мива Садо, млада новинарка која починала од срцев удар откако сработила 159 часа прекувремена работа во рок од еден месец. Мива имала само 31 година.

Вработените кои спијат во јавност или во своите канцеларии се сметаат за целосно посветени на својата работа и се истакнуваат како личности подготвени да го дадат максимумот.

Исто така, покрај строгата работа култура, Јапонија е позната и по јавното признавање на грешките на работниците. Така на пример, во ноември минатата година железничка компанија од Токио се извини на својата интернет-страница поради тоа што еден од нивните возови од станицата тргнал 20 секунди порано.

Случајот со вработениот во компанијата за водоснабдување ги доведе во прашање напорите на земјата да се спречат смртните случаи предизвикани од премногу работа, познати како „кароши“.

Во 2016 јапонската Влада објави извештај во врска со овој проблем, кој покажал дека речиси четвртина од анкетите спроведени во компаниите потврдиле дека вработените имаат повеќе од 80 часа прекувремена работа во текот на еден месец.

Неколку месеци подоцна Тадаши Ишии, претседател на маркетинг-агенцијата „Денцу“, поднесе оставка поради смртта на 24-годишната вработена Мацури Такаши. Такаши се убила со скок од покривот на просторијата за спиење на компанијата каде што работела. По нејзиното самоубиство, јапонската влада одлучи поконкретно да работи за решавање на проблемот.