16.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев-Мултановски: Македонија и Полска се посветени на продлабочување на односите

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Јацек Мултановски, амбасадорот на Република Полска во Македонија, чијшто мандат завршува.

Како што истакнуват од владината прес-служба, изразувајќи благодарност за ангажманот, заложбите и поддршката на амбасадорот Мултановски, премиерот Заев го истакнал придонесот на Република Полска за демократските процеси во Македонија на патот кон остварувањето на евроинтеграциските цели на државата.

„На срдечната средба двајцата соговорници истакнаа дека Полска и Македонија како пријателски земји се посветени на продлабочување на билатералната соработка во сите сфери и заклучија дека тоа е добра основа за интензивирање на односите, особено во областа на економијата, безбедноста, културата, туризмот и други области од интерес за граѓаните на двете земји“, се наведува во соопштението.

Амбасадорот Мултановски оценил дека е импресиониран од напредокот кој Македонија го постигнала последната година, посебно околу Договорот со Грција околу спорот со името и изразил задоволство од претстојната посета на премиерот Заев, кој заедно со владина делегација, на 27 јуни ќе отпатува во Варшава и ќе оствари средба со полскиот премиер, Матеуш Моравјецки.

Премиерот Заев посочил дека Македонија ќе остане посветена на градење пријателство и регионална соработка, подвлекувајќи дека Полска и Вишеградската група (В4), каде таа е членка заедно со Унгарија, Чешка и Словачка, е императив за тоа како се гради партнерство и напредок.

Спонзорирано: