18.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Алжир го исклучи интернетот во земјата поради испитите на средношколците

Владата на Алжир се одлучи на неверојатен чекор за да ги спречи измамите при полагањето на завршните испити на средношколците и го исклучи интернетот за време на сесијата. Така неделава интернетот беше исклучен додека учениците полагаа. Алжирците не можат да пристапат на интернет во текот на еден час, време кое се совпаѓа со полагањето на испитите.

Ваквиот чекор е преземен бидејќи во 2016 година, околу 30.000 ученици мораа да полагаат повторно откако тестовите се појавија на интернет пред полагањето и кружеа низ социјалните мрежи. Лани се правеа напори за ограничување на пристапот до социјалните мрежи, но на крајот тие мерки не беа доволно ефикасни.

Министерката Нурија Бенгабрит истакна дека владата не е среќна поради одлуката, но додаде дека не треба пасивно да се седи пред таквото можно објавување на тестовите. Според тамошните медиуми, некои денови интернетот бил исклучуван три часа, а некои помалку. Исклучувањето на интернетот беше најавено да се случува шест дена по ред.

Во повеќе од 2.000 центри за полагање се поставени надзорни камери и детектори за метал.