22.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Нова опасност за жителите: Лавата од вулканот на Хаваи премина преку автопат и се слеа во океанот

Ерупцијата од вулканот на Хаваи, Килауеа, станува сè поопасна бидејќи течната лава почна да се слева во океанот, а растопените камења продолжуваат да нанесуваат штета на Големиот Остров.

Хавајски официјални лица предупредуваат дека вулканската лава што влегува во океанот претставува ризик за белите дробови, кожата и очите на локалното население. Имено, при навлегувањето на лавата во морската вода се ослободува хлороводородна киселина и пареа која изобилува со ситни стаклени честички.

Лавата од вулканот премина автопат и се слеа во океанот, објави АП, цитирајќи ги хавајските власти.

Американската крајбрежна стража ги предупредила чамците да се држат подалеку од лавата која се влева во океанот на хавајскиот Голем Остров, освен ако тие немаат дозвола за приближување. Во соопштението се вели дека приближувањето до лавата може да резултира со сериозни повреди или смрт.

Научниците велат дека во саботата дошло до соединување на нова и веќе со децении стара вулканска магма, со што се создала жешка и течна лава, која се излева со брзина од околу 300 метри на час.