17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев се сретна со шведскиот премиер

Премиерот Зоран Заев како дел од своите активности за време на самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија, денеска се сретна со премиерот на Кралството Шведска, Стефан Лофвен. Тој го изрази задоволството од блиските политички односи и од заемното разбирање меѓу двете земји, преточено и во декларацијата за соработка меѓу Кралството Шведска и Република Македонија, како и со обновените договори за билатерална асистенција на Шведска за нашата земја.

Заев го запозна шведскиот премиер со актуелниот политички момент во Република Македонија и истакна дека Владата е мотивирана со силна политичка волја да ги спроведе докрај реформите за владеење на правото, за независни и функционални јавни институции во служба на граѓаните и во создавањето услови за слободни медиуми.

На средбата е потенцирано дека исклучително позитивните чекори што земјава ги практикува во односите со соседите, низ отворен дијалог, посветен на градење мостови на доверба и на заемно почитување, ќе даде резултати и во тековните разговори за прашањето на името со Грција.

Двајцата соговорници се согласија дека по неусловената препорака за предпристапни преговори на Европската комисија за Република Македонија, очекуваната одлука за датум за почеток на преговорите со ЕУ, што треба да ја донесе Европскиот совет во јуни, ќе биде новата движечка сила за имплементација и за приоретизирање на реформите во нашата земја.

На средбата меѓу премиерите Заев и Лофвен е истакнато дека Република Македонија направи сериозни позитивни придвижувања во целиот регион и дека е пример како една мала земја може да биде голема надеж за Западен Балкан и за Европа.