16.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски за словенечката ТВ „Нова 24“: Владата нема визија за иднината на државата, а економијата тоне

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју на словенечката телевизија „Нова 24“ рече дека во однос на прашањето за името Владата има по малку егзибиционистички пристап и ставови што полека бледнеат. Тој во интервјуто се осврна за регионалната соработка, соработката со партијата на Јанес Јанша, како и економската состојба во државата и разговорите за спорот за името.

„Што се однесува за прашањето за името, имаме помалку или повеќе егзибиционистички пристап од страна на Владата на Република Македонија во овој процес на преговори со соседна Грција. Односно, преговорите за разликите што соседна Грција ги има за нашето уставно име. Јас се сеќавам на неколку изјави во минатото на премиерот дека доколку се постигне евентуален договор, тогаш ќе се организира референдум и нема да поддржи промена на уставното име. Односно, не ја гледа целисходноста на промената на уставното име, т.е. едно име за севкупна употреба, и внатрешна и надворешна. Како одминува времето, како што впрочем и секогаш било, кога станува збор за овој политичар, тие ставови полека полека се менуваат, бледнеат, не се повторуваат и се обидува повторно на мала врата да капитулира во овој процес. ВМРО-ДПМНЕ, мојата партија, партијата на која јас сум претседател, во многу наврати јас лично, но и луѓе што се дел од највисокото раководство на партијата, јасно и гласно го имаат кажано ставот на партијата, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, а со цел промена на уставното име“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

За економската состојба, Мицкоски посочи дека државата е на самото дно и тешкиот живот на граѓаните резултира со сè поголемо незадоволство.

„За жал, Македонија ја заврши 2017 година како економија со 0 отсто раст на својот внатрешен производ и ја става во групата на најслабо развиени држави во Европа, поточно на самото дно, последна по порастот на БДП во сопствената држава. Но, покрај тоа што имаме 0 отсто раст на внатрешниот производ, ние истовремено имаме намалување, односно одлив на странските инвестиции, намалување на бројот на креирани нови работни места, кои се многу значајни за една економија во насока на намалување на невработеноста. Имаме уште многу фаули што оваа нова Влада предводена од СДСМ ги прави, но она што повеќе загрижува е што нема визија како државата понатаму ќе се развива, односно овие никакви ефекти на полето на економијата ќе имаат follow up, односно ќе имаат свој ефект во иднина. Токму затоа тука е ВМРО-ДПМНЕ да понуди нова програма, да понуди нови проекти, кои ќе значат подобар економски живот за граѓаните во Република Македонија, кои ќе значат нови проекти, нова додадена вредност за македонската економија и со таква програма и платформа ќе излеземе на следните избори“, посочи Христијан Мицкоски.

Спонзорирано: