13.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предлага укинување на дополнителната акциза за дизелот од 3,5 денари

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи намалување, односно укинување на дополнителната акциза за дизелот од 3,5 денари којашто од 1 јануари оваа година ја воведе Владата. Се работи за огромно оптоварување и за граѓаните и за стопанството и од тие причини гледаме дека секојдневно цената на дизелот во Република Македонија расте, изјави денеска пратеникот од опозицијата Владимир Ѓорчев на прес-конференција во Собранието.

Според него, откако Заев и Тевдовски влегоа во владата цената на дизелот се зголеми од 46 на 60 денари, односно зголемувањето е 30 проценти. „Од тие причини државата најмалку што може да направи е да ја укине дополнителната давачка што со повеќе од 30 милиони евра ќе ги удри по џебот и граѓаните, и превозниците, и камионџиите, и оранжериското производство, претпријатијата, транспортните компании, а по тоа таа цена, тие зголемувања ќе се рефлектираат и на другите производи во Република Македонија, коишто исто така одат надоле“, изјави тој.

ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија апелира преку СДСМ до парламентарното мнозинство, до Заев и Тевдовски да покажат сенс за потребите на граѓаните, за потребите на македонската економија, затоа што цената на дизелот апсолутно секојдневно оди нагоре. Се работи за големи зафаќања, се работи за оптоварувања што се евидентни и најмалку што може да се направи во овие тешки економски услови е да им се помогне и на домаќинствата и на граѓаните и на економијата.

„Би сакал само една паралела да направам, а тоа е дека секој еден граѓанин на Македонија чиешто возило вози на дизел пред една година, пред оваа влада одеше на бензинска пумпа и го полнеше резервоарот за 1.500 денари. Сега истото полнење на истиот резервоар со оваа влада е околу 2.000 денари. Значи секој граѓанин одењето на бензинска пумпа и полнењето на резервоарот поради штетните политики на Зоран Заев и Тевдовски го чини дополнителни 500 денари. Да не зборувам за камионџиите, коишто полнат и коишто трошат многу поголеми средства или, пак, автобуските превозници. Значи тоа е пораката што сакаме да ја упатиме, тоа е барањето што ќе го поднесеме, се надеваме, апелираме да се има сенс за оваа логична економска мерка што ја предлага ВМРО-ДПМНЕ“, додаде тој.

Спонзорирано: