14.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото mfa.gov.mk
МАКЕДОНИЈА

Димитров: Членството во ЕУ е важно колку и патот до таму

Консолидирањето на Европа е невозможно без стабилен, мирен и просперитетен Балкан, истакна денеска министерот за надворешни работи, Никола Димитров, за време на обраќањето на априлската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), која се одржува во Стразбур.

Димитров посочи дека во време на глобални предизвици и кризи неопходно е земјите членки на организацијата да направат сеопфатни напори за имплементирање на преземените обврски од членството во Советот на Европа (СоЕ), со што директно придонесуваат кон зајакнување на демократската сигурност на Европа.

Во однос на напредокот во европските интеграции, Димитров рече дека најдобра потврда за направеното е чистата препорака во новиот извештај за напредокот на Европската комисија.

„Нaш предизвик е да постигнеме суштинска промена внатре. Нашата цел не е само да стигнеме до ЕУ-членство. Патот до таму е исто толку важен и треба да води кон изградба на општество во кое владее правото, функционираат институциите и се почитуваат човековите права“, порача Димитров.

При посетата на Советот на Европа, Димитров имаше одделни средби со Торбјорн Јагланд, генерален секретар на Советот на Европа, Микеле Николети, претседател на Парламентарното собрание, Гвидо Раимонди, претседател на Европскиот суд за човекови права, Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа, како и со членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Во рамките на разговорите тој ги претстави чекорите во надворешната политика на Владата, новата соседска политика, а се осврна и на активностите на Владата во поглед на реформите за унапредување на демократијата, човековите права и владеењето на правото. Го нагласи задоволството од соработката со телата и мониторинг-механизмите на СоЕ истакнувајќи дека нивните наоди, препораки и стандарди претставувааат значаен придонес кон исполнувањето на нашите стратешки цели за членство во НАТО и ЕУ.

Oд аспект на работата на СоЕ, ја повтори македонската позиција дека е неопходно постигнување висок степен на заедништво на континентот во насока на развојот на демократијата, заштитата на човековите права и владеењето на правото доколку сакаме да постигнеме заеднички прогрес во интерес на подобар и посигурен живот за идните генерации.

„Лекцијата што ја научивме од кризата дома, а која вреди да се сподели и пошироко, е дека не е пожелно да се замижува пред проблемите, туку тие треба гласно да се адресираат и активно да се работи на изнаоѓање решенија“, гласеше пораката на Димитров што претседателот на Парламентарното собрание ја прифати како релевантна и во однос на работата на СoE.

Спонзорирано: