14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Анѓушев: Странските компании во земјата тешко се поврзуваат со домашните доставувачи

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, се обрати на конференцијата за зголемување на конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија во организација на Стопанската комора на Македонија, Советот на странски инвеститори и Машинскиот факултет од Скопје.

Притоа, Анѓушев потенцира дека соработката помеѓу странските компании што работат во технолошко-индустриските развојни зони и домашните доставувачи е на многу ниско ниво, односно дека повеќето од страските компании од вкупните трошоци издвојуваат само 1 отсто за набавки на стоки и услуги од македонски доставувачи.

„Тоа, според анализите, се должи, пред сè, на фактот дека повеќето од овие компании се во средината во синџирот на производството и нивните продукти се наменети за големи, мултинационални компании, па одлуките за локални доставувачи не можат да ги носат бргу и самостојно и мора да го консултираат крајниот корисник. Воедно, се поставува и прашање колку македонските компании се подготвени да прават промени во својата организациска структура и технолошки да ги развиваат производните процеси за да ги задоволат стандардите и барањата на странските компании“, нагласи вицепремиерот.

Истакна дека целта на Владата е да се стимулира соработката помеѓу домашните и странските компании.

„Странските компании ќе добиваат поврат од 1 отсто од вкупните средства за направени набавки доколку 15 отсто од набавките се направени од домашни производители. Од друга страна, ги стимулираме домашните компании да инвестираат во технолошки развој и организациски да напредуваат со цел да развиваат производи што би биле конкурентни според количина, цена и квалитет и на тој начин би ја зголемиле соработката со странските. Владата ќе обезбеди поврат од 10 отсто од направената инвестиција, а доколку со неа се овозможи и зголемена конкурентност на пазарите во странство, поддршката од страна на Владата ќе се искачи на 20 отсто од вредноста на направената инвестиција“, рече Анѓушев.

Тој ги повика компаниите да ја препознаат можноста за инвестиции бидејќи, како што рече, мерките што ги усвои Владата првпат даваат толку силна поддршка на домашните компании да се развиваат.