3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Договорена бугарска парламентарна поддршка за Македонија

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, Артан Груби, за време на официјалната посета на Софија имаше пријателска и отворена средба со членовите на Комисијата за европски прашања и контрола над европските фондови, предводена од Кристијан Вигенин. На средбата беа разменети идеи, мислења и најдобри пракси и уште еднаш беше потврдено дека интеграцијата и напредокот на земјите од Западен Балкан се во фокусот на приоритетите на Република Бугарија.
Пратениците од Комисијата на Народното собрание на Република Бугарија ја искажаа својата готовност со конкретни чекори да отпочнат соработка со својата партнерска Комисија за европски прашања во Собранието на Република Македонија и да ѝ помогнат во градењето на институционалната рамка пред отпочнувањето на процесот на преговори за членство во Европската Унија, врз основа на научени лекции од Република Бугарија.
Груби во рамките на официјалната посета на Република Бугарија се сретна и со Групата за пријателство Бугарија-Македонија во Народното собрание на Република Бугарија, на чие чело се наоѓа г. Борис Ванѓелов.
На средбата беше заклучено дека испраќањето јасни сигнали на добра соработка меѓу двете држави  ќе покаже дека нашата стратешка цел е да споделуваме заеднички вредности во НАТО и Европската Унија.  Тие беа согласни дека конструктивната соработка со опозицијата и градењето консензус за клучните прашања останува неопходна за успешен евроинтегративен процес и градење одржлива иднина за земјата.
Груби оствари средба и со потпретседателот на Народното собрание на Република Бугарија, г. Емил Христов, и г-ѓа Џема Грозданова, претседател на Комисијата за надворешна политика. На состанокот преовладуваше ставот дека треба да се градат нови мостови на пријателство и соработка на сите нивоа меѓу двете држави и меѓу двата парламента, како и дека активностите треба да бележат на интензитет и да се динамизираат во иднина.