17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Да се поништи милионскиот тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција го постави прашањето дали под откривањето на мега скандалот, кој отвара сомнеж за местење на 320 милионски тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола за фирмата Пелистер ДОО Битола, која важи за блиска до врвот на СДСМ, во средата на 11 април експресно е направена промена во тендерската документација.
„Ова е оргиналниот документ од јавниот повик каде јасно се гледа дека единствен критериум за избор на економски оператор е да има ископани минимум 900.000 тони јаглен во последните три години. Ваквиот критериум го исполнува само една компанија во државата. Ова е објавено на 15 март“, тврди ВМРО-ДПМНЕ.
Овој документ, според нив е измена на тендерската документација која е направена пред три дена, токму кога ВМРО-ДПМНЕ предупредило и објавило сомнеж за постоење на „криминалната шема за испумпување на пари од Буџетот директно во џебовите на оваа криминална власт“.
„Согласно овој документ тие додаваат уште еден услов, цитирам „900.000 тони јаглен или 1.000.000 м3 јаловина“ . Дали ова се прави за да се скрие скандалот дека тендерот се мести само за една компанија. Дали на денот кога Собранието одлучуваше за прашање на доверба на владата каде пратениците на СДСМ ја воспеваа оваа беидејна и криминална влада, зад кулисите ги променија условите бидејќи беа фатени во тесно? Откако се фатени во флагрантно местење на 320 милионскиот тендер за сметка на Пелистер ДОО Битола, власта се впушта во промена, и во веќе објавен тендер покрај првичниот и единствен критериум, ископувачот да има ископано 900.000 тони јаглен во последните три години, услов кој го исполнува само Пелистер ДОО Битола, се внесува и алтернативен услов, за на тендерот формално правно да можат да се јават и фирми кои имаат ископано 1.000.000 м3 јаловина, услов кој може да биде исполнет од поголем број на фирми кои се занимаваат со градежни работи“, се вели во соопштението на партијата.
ВМРО-ДПМНЕ бара овој тендер веднаш да биде поништен и да се распише нов со еднакви услови за учество. Тие го повикуваат Јавното обвинителство по допрен глас да отвори истрага и да утврди кривична одговорност за сите вмешани во случајот.