11.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
илустрација
СВЕТ

Трамп испраќа војска: Националната гарда се упати кон границата со Мексико

Американските сојузни држави Аризона и Тексас, најавија дека до следната недела ќе испратат вкупно 400 припадници на Националната гарда на американско-мексиканската граница.

Тие ќе ја испратат гардата како одговор на повикот на американскиот претседател, Доналд Трамп, за распоредување на трупи за борба против трговијата со дрога и илегалната миграција. Националната гарда на Тексас синоќа објави дека на границата планира да распореди 250 гардисти во следните 72 часа.

Синоќа, два хеликоптера од Остин, главниот град на Тексас, се упатиле кон пограничната зона на југ. Гувернерот на Аризона, Даг Дуси, пак, рече дека оваа држава следната недела на границата ќе испрати 150 гардисти.

Инаку, вкупниот број на гардисти за кои досега е најавено дека ќе бидат распоредени на границата е далеку под бројката од 2.000 до 4.000, колку што Трамп изјави дека има намера да распореди. Американскиот министер за одбрана, Џејмс Матис, синоќа одобри средства за финансирање за околу 4.000 припадници на Националната гарда од буџетот на Пентагон, до крајот на септември.

Министерството за одбрана соопшти дека припадниците на Националната гарда нема да вршат полициски активности, ниту пак ќе имаат контакт со мигранти или други притворени лица, без наредба од страна на министерот Матис.