11.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Груевски и Јанакиески во судот ќе слушаат како го договарале уривањето на „Космос“

16 необјавени бомби и 10 што јавноста ги слушна треба да бидат пуштени во судницата на кривичниот суд за предметот на СЈО со кодно име ТНТ. Освен прислушуваните разговори, кои траат приближно еден и пол час, како дел од доказите се и СМС-пораките меѓу обвинетите што ги праќале договарајќи се како да го урнат комплексот на бизнисменот Фијат Цаноски.

Обвинетите на претходните рочишта ги побараа цедињата со бомбите, но судискиот совет им го одби барањето со образложение дека обвинетите може да ги слушаат прислушуваните разговори во судот. СЈО образложи дека обвинетите имале можност и во истрагата да ги преслушаат бомбите, но со одредени исклучоци адвокатите и обвинетите тоа не го направиле.

Сите седуммина обвинети, меѓу кои и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, се изјаснија дека не се виновни.

Според обвинението, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на нивниот политички противник, бизнисменот Фијат Цаноски. Обвинителите истакнаа дека обвинението ќе го докажат преку собраните материјали и докази, како и сведочења на лица и вештаци. СЈО пресметало дека со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а доплнително буџетот на Општина Гази Баба е оштетен за дополнителни три милиони денари. Оштетените Фијат Цаноски и фирмата „Фимет“ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.