14.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Акцијата на косовската полиција во која беше уапсен Марко Ѓуриќ ја загрозила безбедноста на новинарите

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 8.000 членови, ги осуди последните инциденти кои се случија врз новинарите за време на полициската интервенција во Северна Митровица.

Инцидентот се случи на 26 март, каде специјалната полициска единица – Регионална единица за оперативна поддршка (ROSU) – во Северна Митровица го уапси претставникот на српската влада Марко Ѓуриќ, кој според Владата на Косово, влегол во државата без претходно одобрение од властите во Приштина.

Новинарите ја покриваа средбата на Ѓуриќ и другите претставници со граѓаните на Северна Митровица, кога полицијата изврши интервенција на тоа место.

За време на интервенцијата, специјалците искористиле шок-бомби и солзавци за да ја разделат толпата која го блокирала влезот на зградата каде се одржувала средбата. Во таа хаотична ситуација, неколку новинари биле повредени и дел од нивната опрема била оштетена. Како што се наведува во соопштението на регионалната платформа и други новинари биле нападнати на друга локација.

Платформата повторно ја истакна својата загриженост во однос на безбедноста на новинарите и инсистира Косовските власти да спроведат истрага за полициската акција. Воедно оттаму ги охрабруваат сите новинари да ги пријават инцидентите и нападите секогаш кога се нападнати или добиваат закани на работното место.

Спонзорирано: