23.8 C
Скопје
12. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Падна мрак низ скоро сите главни градови во Светот – слично е и во Скопје, а еве и зошто

Во многу земји во светот вечерва ќе се одржи најголемата глобална акција за заштита на природата.

Акцијата е насловена „Сат за нашата планета“.

Во Сиднеј се изгаснати светлата на Сиднејската опера, во Њу Делхи се изгаснати светлата на високите згради а во Куала Лумпур во потполна темнина се кулите Петронас.

Слично е и во централното градско подрачје во Скопје, а овој настан ќе се одбележи и во Охрид.

Градот Скопје вечерва ќе се вклучи во глобалната акција Часот на планетата Земја и ќе го исклучи осветлението на неколку објекти во центарот на градот во периодот од 20.30 до 21.30 часот.

Како што информираат од Градот, осветлението ќе биде исклучено на плоштадот Македонија со спомениците, порта „Македонија“, улицата Македонија, Камениот мост, скопското Кале, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, колонадата, Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, плоштадите Мајка Тереза и Филип Втори, мостот „Око“, Мостот на уметноста, палатата „Пелистер“, Ристиќевата палата, „Сити галери“ и хотелот „Мериот“.

На плоштадот Македонија, заедно со волонтерите на Црвениот крст, ќе биде испишано логото на акцијата „60+“ со петстотини свеќи. Во еколошкиот мрак, поддржано од „ЕВН Македонија“, ќе има и акустичен концерт на младата пејачка Теа Трајковска, а присутните посетители ќе имаат можност да добијат флуоресцентна алка и флуоресцентен цртеж на своето лице и да се придружат во одбележувањето на Часот на планетата Земја.

Македонија деветта година по ред се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја кога во 20.30 часот по локално време, во период од еден час, во мрак ќе потонат над 180 земји и 7.000 градови во светот.

Како што акцијата патува низ часовните зони, милиони луѓе преку симболично исклучување на осветлението во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, за борба против климатските промени и за подигнување на јавната свест за проблемот поврзан со намалување на биодиверзитетот.