18.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ демантира дека е организатор на протестите пред домовите на пратениците од СДСМ

„ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека насилничкото носење на неуставниот, неприменлив и штетен закон за двојазичност носи ризик по државата и може да предизвика дополнителни тензии. ВМРО ДПМНЕ апелираше за опасноста и чувствителноста на моментот. Нашите апели за жал беа игнорирани од владејачкото мнозинство, кое одлучи да оди спротивно на препораките на претседателот на државата и експертската јавност“, се вели во соопштението на опозициската партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ одлучи да се коцка само заради зачувување на поддршката на нивната влада. „СДСМ наместо соживот, со насилничкото носење на законот за двојазичност предизвикува поделби. СДСМ ги погази Уставот и законите и ги стави во сенка на коалицискиот договор со ДУИ“, се додава во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ ги демантира обвинувањата од претставници на СДСМ дека е организатор на протестите пред домовите на пратениците од СДСМ. „Со ваквите конструкции СДСМ повторно се обидува да направи дефокус од антидржавните политики кои ги реализираат. ВМРО-ДПМНЕ не оправдува какво било насилство, без разлика што ваквата пракса на насилство ја наметна токму СДСМ, кои лично и преку таканаречената шарена револуција оштетуваа државен имот низ центарот на Скопје, протестираа пред домови на политичари и вербално ги напаѓаа на јавни места“, се додава во соопштението.