20.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Заев е уценет политичар

Зоран Заев е уценет човек. Тој минатиот март лично тврдеше дека експертите му ја укажале неуставноста на секое решение кое би предвидувало двојазични пари и униформи, стои во денешното соопштение на опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ.
„Една година подоцна, уценетиот Заев ги натера пратениците на СДСМ да гласаат закон за двојазичност кој што знаат дека е спротивен на Уставот. Владејачкото мнозинство на сила и без почитување на правото на амандманска расправа го донесе законот за двојазичност, кршејќи го Уставот, законот и Деловникот на Собранието на Република Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека станува збор за закон со кој се наметнува двојазичноста на целата територија на Република Македонија и е штетен, неприменлив и неуставен. Исто така сметаат дека одлуката на претседателот Иванов да не го потпишува указот на законот за двојазичност е државнички потег и единствен можен кога флагрантно се крши Уставот и се дерогира правото.
„ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека за ова флагрантно кршење на правниот поредок на државата одговорност ќе има. ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација и кривична пријава против Талат Џафери, кој ја узурпираше функцијата претседател на Собранието на Република Македонија. Зоран Заев и СДСМ се обидуваат да направат дефокус од катастрофалните политики на секое можно поле. Затоа сме сведоци на невиден политички прогон поврзан со настаните од 27 Април, но и сите други неистомисленици на оваа антиреформска Влада“, се наведува во партиското соопоштение.
Во него се додадава дека патриотите кои се наоѓаат по затворите се со една цел, а тоа е да се одвлече вниманието на јавноста од, како што се вели, антидржавните политики.
„Пораката е многу јасна! Сите оние кои се неистомисленици на Заев и на СДСМ се потенцијална цел на политичкиот прогон кој го спроведува оваа власт. Додека вистинските криминалци се на слобода, патриотите и неистомислениците на Заев се по затворите“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата ги повикува правосудните органи да работат во интерес на почитувањето на законите и Уставот во Република Македонија.
„Политичкиот прогон мора да запре веднаш, а судот да се ослободи од стегите на власта. По враќањето на правната држава секој ќе одговара за несоодветното постапување. Македонија мора повторно да стане правна држава, патриотите да се ослободат од притвор и од конструираните обвиненија и да се почитуваат Уставот и законите во државата. Наместо ‘Живот за сите’, Република Македонија тоне во беда, сиромаштија а граѓаните од ден на ден се повеќе се разочарани. Се спроведува политички прогон и реваншизам наместо просперитет напредок“, се подвелкува во соопштението.