27.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Заев ги игнорира граѓаните и на сила донесе противуставен и штетен закон

Законот за јазиците е неуставен, неприменлив и штетен. Зоран Заев лаже и како што ќе минува времето, неговата лага ќе стане сè поочигледна, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во однос на денешното обраќање на македонскиот премиер во контекст на донесувањето на законот.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека ситуацијата е иста како лагите од предизборието дека двојазичноста била само во главите на вмровците.

„Доколку имаше малку доблест, денес ќе се извинеше и ќе се срамеше за тоа што вчера ја силуваше демократијата, го погази Деловникот и го прекрши Уставот. Тоа не му го кажува само ВМРО-ДПМНЕ, туку и експертската јавност и граѓаните. Сите нив Зоран Заев ги игнорира и не дозволи никаква дебата за овој противуставен закон, кој на сила го донесе“, се наведува во партиското соопштение.

Како што истакнуваат оттаму, послушниците на Зоран Заев во парламентот не дозволиле ниту амандманска расправа креирајќи опасен преседан кој во иднина може да се повторува.

„Насилното носење на овој закон покажа дека не постои никаков концепт на едно општество за сите, туку концепт на одржување по секоја цена на владината коалиција, спротивно на интересите на граѓаните. Овој закон не е закон за употреба на јазиците, туку е закон за двојазичност и тоа не е воопшто во духот на едно мултиетничко општество какво што е Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека овој закон бил донесен шверцерски со злоупотреба на европското знаменце, иако и амбасадори и европски авторитети јасно кажале дека нема никакво реформско значење во нашата евроинтреграција.

„Овој закон, освен што нема во ништо да го подобри секојдневниот живот на граѓаните што од ден на ден тонат сè повеќе во беда и економска апатија, туку ќе предизвика поголем меѓуетнички јаз и блокада на институциите, која скапо ќе биде платена од џебот на граѓаните. За ваквото ненародно и шверцерско однесување Владата на Зоран Заев многу бргу ќе понесе одговорност“, се вели во соопштението на опозициската партија.