17.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

САД обвинуваат: Ким со хемиско оружје го убил својот полубрат

САД утврдиле дека полубратот на Ким Џонг-ун бил убиен по наредба на севернокорејските власти со агенсот VX кој во суштина е невротоксична супстанца. Врз основа на овој заклучок, Вашингтон веднаш воведе нови економски санкции кон Северна Кореја и тоа истиот денот кога Јужна Кореја укажа дека Пјонгјанг е подготвен да разговара со САД во врска со прашањето за ослободување од нуклеарното оружје.

„САД остро ја осудуваат употребата на хемиско оружје за да се изврши убиство“, истакна синоќа во соопштение Хедер Нојерт, портпаролка на Стејт департментот, притоа наведувајќи го името на Ким Џонг-нам, полубратот на севернокорејскиот лидер.

Ким Џонг-нам беше убиен среде бел ден, на 13 февруари 2017 година, на аеродромот во Куала Лумпур, Малезија. Додека чекал лет за Макао, две жени му се прибрижиле и го испрскале со некаква супстанца во лице, а целиот настан беше регистриран и од надзорните камери на авионот. Починал набргу откако бил пренесен во болница. Траги од VX, невротоксичен агенс класифициран како оружје за масовно уништување, беа пронајдени на неговото лице и очите за време на аутопсијата.

„На 22 февруари Вашингтон утврди дека таа супстанца била директно употребена од владата на Северна Кореја за да го убие Ким Јонг-нам“, рече Нојерт.

„Ваквиот јавен приказ на непочитување на универзалните норми против употребата на хемиско оружје е уште еден доказ за опасната природа на Северна Кореја и покажува дека не може да си дозволиме да толерираме каква било севернокорејска програма на оружје за масовно уништување“, подвлече Нојерт. Инаку, Северна Кореја е веќе под серија санкции од страна на САД и Обединетите нации, па затоа овие нови санкции се во голема мера симболични.