21.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Donald Trump/Offical fan page
СВЕТ

Главниот економски советник на Трамп си поднесе оставка

Водечкиот економски советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Гери Кон, соопштил дека поднесува оставка, пренесе Белата куќа. Кон, банкар од Вол Стрит, беше клучниот архитект на минатогодишните даночни реформи и главен столб на антирепресивните сили во администрацијата на Трамп, јави „Ројтерс“.

„Ми беше чест да ѝ служам на својата земја и да спроведувам економски политики насочени кон раст, во корист на американскиот народ, особено историската даночна реформа. Благодарен сум му на претседателот што ми даде ваква можност и нему и на неговата администрација им посакувам многу успех во иднина“, навел Кон во соопштението кое во вторникот го пренесе Белата куќа.

Од друга страна, Трамп вели дека наскоро ќе одлучи кој ќе биде нов економски советник. „Наскоро ќе донесеме одлука кој ќе биде новиот економски советник. Многумина ја сакаат оваа работа, па ќе мора мудро да одлучиме“, напиша Трамп на „Твитер“. Како што изјави официјален претставник, главните кандидати за нов економски советник се актуелниот советник во Белата куќа и директор на националниот трговски совет, Питар Наваро, и конзервативниот коментатор Лари Кадлоу.

Како што објавија светските агенции, Кон се спротивставил на одлуката на Трамп да наметне царински давачки за челик и алуминиум и се обидел да го одврати од таквата намера. Трамп, сепак, останал цврсто на својата одлука и повторил дека во наредните денови царинските давачки ќе стапат на сила.