20.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи ќе биде координатор на иницијативите од стратегијата на ЕК

На денешната редовна седница, Владата го определи вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи за координатор на шесте носечки иницијативи од новата стратегија на Европската комисија за Западен Балкан.

„Иако Стратегијата сè уште е во фаза на разгледување од страна на телата на Советот и земјите членки на ЕУ, Владата процени дека е важно подготвителните активности за имплементација на активностите предвидени во носечките иницијативи, да започнат на време“, соопштија од Кабинетот на Османи.

Владата, воедно назначи секторски координатори за секоја од шесте иницијативи, и тоа, министерот за правда, Билен Салији, за координатор на иницијативата за зајакнување на владеењето на правото; министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како координатор на иницијатива за зајакнато вклучување во безбедноста и миграцијата; министерот за економија, Крешник Бектеши, за координатор на иницијатива за зајакнување на поддршката на социо-економскиот развој; вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, за координатор на иницијатива за зголемување на транспортната и енергетската поврзаност во регионот и во рамките на ЕУ; министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за координатор на иницијатива за Дигитална агенда за Западен Балкан; министерот за надворешни работи Никола Димитров, за координатор на иницијатива за поддршка на помирувањето и добрососедските односи.

Владата го задолжила Османи до крајот на март оваа година да го реализира првиот конститутивен состанок, на кој ќе се дефинира експертскиот состав на носечките групи, нивниот опсег, начинот на работа како и меѓусебното информирање.

На 6 февруари, Европската комисија ја усвои новата стратегија за кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на ЕУ со Западниот Балкан, во која ЕУ значително ќе ја зајакне својата поддршка за процесот на трансформација на земјите од Западниот Балкан.