22.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев има несериозен пристап кон меѓународните медиуми, велат од ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ го обвини премиерот Зоран Заев дека има несереиозен пристап кон меѓународните медиуми, а со тоа ги уривал позициите на Македонија во спорот и им нанесувал огромна штета на националните интереси.

„Тој за реномирани меѓународни медиуми изјавува дека е подготвен за одредени отстапки во однос на грчките барања за менување на Уставот, а потоа Владата се обидува да го коригира и да ги појасни неговите позиции. Заев не запира со политиките што се спротивни на државните и националните интереси, но судовите за тероризам и уривање на уставниот поредок ги гонат оние што имаат храброст јавно да му се спротивстават“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Тие повторно се осврнаа на притворањето на своите партиски членови за настаниоте од 27 април во Собранието и велат дека повеќе од три месеци, како што ги нарекуваат, македонски патриоти, во конструиран и монтиран политички процес без основ лежат во затворите или во куќен притвор.

„Мукоски, Василевски, Чавков и другите се жртви на власта предводена од СДСМ и се соочени со апсурдно обвинение за тероризам. Ваков монтиран процес во Македонија, во досегашната историја, е незабележан. Ова дело е класична политичка хајка водена од власта и има цел да ги замолчи сите оние што не се согласуваат со антидржавните политики на СДСМ и Зоран Заев. Македонија е единствената земја во Европа каде што интелектуалци, актери, режисери и доктори се обвинети за тероризам. Правосудните органи мора да се ослободат од слугувањето на наредбите на власта на СДСМ“, додаваат од партијата.

Спонзорирано: