25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Цветковски: Не сум виновен, во МРТ се работи согласно законот

Директорот на МРТ, Марјан Цветковски тврди дека не виновен, бидејќи за време на неговиот мандат во јавниот сервис се работело и „ќе се работи согласно законот“. Тој во допис до медиумите, вели дека е изненаден од постапката која што полицијата ја покренала против него. .

„Со доза на изненаденост ја добив информацијата пласирана во недела наутро дека против мене е поднесена кривична пријава, и веднаш сакам да истакнам дека немам никаква кривична вина ниту пак кривична одговорност за ситуациите кои се посочени. Подготвен сум, со аргументи и факти ја очекувам постапката во која сум убеден дека ќе се потврди она што го истакнувам, а тоа е дека во рамките на мојот мандат во МРТВ се работело и ќе се работи согласно законот“, вели Цветковски и додава: „Иако постојат многу сугестии, коинциденции и поврзувања, не би сакал да верувам дека оваа поднесена кривична пријава е резултат на фактот дека повторно добив доверба да ја раководам МРТ“.

Тој напоменува дека МРТ е сериозен и гломазен систем каде во секоја постапка учествуваат голем број на служби и секој во рамките на своите надлежности постапува. „Сакам да напоменам дека за споменатиот договор има судски спор и не е исплатен во целост. Во овие специфицни услови и амбиент, верувам дека ќе ја докажам правдата и нема да дозволам оваа постапка да ме девалвира и да ме дефокусира од реализацијата на мојот план за подигнување на МРТВ на едно повисоко квалитативно ниво во секој поглед, како и да ја развивам постојано улогата на МРТВ како промотор на државните, европските и евроатлантски вредности“, се вели во дописот на Цветковски.

Полицијата поднесе кривична пријава против директорот на Македонската радио телевизија, Марјан Цветковски за злоупотреба на службената положба и овластување. Според МВР, тој во 2016 година склучил договор со фирмата „Аналитика“ за електронско мерење на ТВ аудиториум со пиплметри на територијата на Македонија. Освен за директорот на МРТ, кривичната пријава се однесува и за Г.С (56) кој бил застапник на фирмата „Аналитика“.