20.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ реагира за изречена затворска казна за новинарски текст

Наместо почитување на правото на слобода на говор и критика, сведоци сме на обиди за цензура и изречени затворски казни за напишан новинарски текст, рече денеска на прес-конференција Игор Божиновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Вчера видовме дека судот изрекол ефективна казна затвор во времетраење од три месеци или условно од една година, за текст во неделникот ‘Република’, насловен ‘6 милиони евра за платеничката револуција на Сорос’. Преседанот да биде поголем, не постои демант дека било кои од податоците што се објавени во текстот се неточни. Од ‘Република’ тврдат дека ниту еднаш не се повикани на судско рочиште, а казната затвор е веќе изречена“, истакна Божиновски.

Тој додаде дека ваквата пресуда е срам за државата. „Репресијата, цензурата и притисоците сега се насочени кон критички настроените медиуми, но пораката за заплашување се испраќа до сите“, рече Божиновски.

Од име на ВМРО-ДПМНЕ тој ги повика новинарските организации во Република Македонија, меѓународните новинарски здруженија, ОБСЕ, ОДИХР и меѓународните претставници во Република Македонија да го осудат овој терор врз медиумите.

„Во Република Македонија под власта на СДСМ е поткопан еден од столбовите на демократијата – независното и слободно новинарство. СДСМ спроведува вистинска репресија врз медиумите и медиумскиот простор. СДСМ преку притисок сака да ги заплаши и стави под своја контрола медиумите. Власта сака да го замолчи секој еден критички настроен медиум и личност. Власта со оваа постапка покажува дека сака да спроведе тотално едноумие“, обвини Божиновски.