20.8 C
Скопје
21. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Костовски: МНР да каже дали рушењето на споменици е дел од договорот за добрососедство со Бугарија

Изјавите на бугарски европратеници во кои што го поздравуваат отстранувањето на споменикот на Андон Јанев Лазев – Ќосето се недолични, но очекувани со оглед на срамните антидржавни политики на Зоран Заев, рече денеска на прес-конференција Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„МНР молчи кога фигури од македонската историја се прогласуваат за Бугари, а бугарски европратеници на шега или сериозно му сугерираат на Заев нивните спомен обележја да ги префрли во Благоевград. Македонската јавност е шокирана од изјавите со кои се поздравува одлуката за отстранување на спомен обележјето на Ќосето бидејќи е резултат на спроведување на договорот за добрососедство со Бугарија. Јавноста не сака да верува дека рушењето на споменици е дел од договорот за добрососедство со Бугарија, но после премолчувањето од страна на МНР се сомнева“, нагласи Костовски.

Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати потенцирала дека договорот е асиметричен и запрашува дали има и други споменици кои треба да бидат срушени како резултат на договорот за добрососедство.

„Во стилот на ИСИС и талибанците, во стилот на Ал Багдади и Мула Омар, СДСМ започна со рушење на македонската историја и обележјата на македонските историски ликови. Во раните утрински часови под превезот на ноќта, СДСМ го отстрани споменикот на современикот на Гоце Делчев и Даме Груев, Андон Лазов Јанев-Ќосето, а со тоа се обиде да ги урне идеалите за кои овој човек се борел целиот свој живот“, рече Костовски.

Истакна дека со лаги и манипулации, СДСМ се обидува да го оправда овој, како што кажа, вандалски чин.

„Партијата на власт наместо да гради таа руши, наместо да создава уништува, а наместо живот донесе неспособност и расипништво. Во нивната предизборна кампања ветуваа многу, но не ветија рушење и отстранување на спомен обележјата на македонската историја“, подвлече Костовски.