6.8 C
Скопје
28. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Тринаесет нови жртви при напади врз Источна Гута

(МИА) – Тринаесет лица загинаа денеска при нови бомбардирања на владините сили врз регионот на Источна Гута, источно од Дамаск, кој е под контрола на бунтовниците.

Најновите напади доаѓаат во услови на зајакнатите повици на повеќе светски лидери и организации за прекин на нападите врз Источна Гута, во кои изминативе денови загинаа неколку стотици лица.

Според бунтовнички извори, цели на нападите на сириските владини сили последниве денови се згради, болници и инфраструктура. Бомбардирањата принудија голем дел од 400-те илјади жители на Источна Гута да спијат во подруми и импровизирани засолништа, а лекарите, како и спасувачите, кои со денови го пребаруваат теренот и извлекуваат жртви од под урнатините, се преоптоварени и изнемоштени.

Во меѓу време, руски медимум информираа дека Москва го засилила своето присуство во Сирија со неколку воени авиони.

Медиумите емитуваа кадри од слетувањето на два авиони Су-57 во воздухопловната база Хмејмим во провинцијата Латакија, која е главен центар на руските операции во Сирија.

Таму вчера пристигна авион за рано предупредување А-50, четири борбени летала Су-35 и четири авиони за воздушна поддршка Су-25.

Кремљ денска не ги коментираше информациите и за сите детали ги препраќаше прашањата на војската, која исто така не даде коментар. Русија ги отфрли обвиненијата дека е одговорна за големиот број загинати цивили во Источна Гута.

Организацијата Лекари без граници алармира дека за три дена во Источна Гута се бомбардирани 13 болници, во кои работат нејзини медицински лица.

Лекари без граници посочија на голем број човечки жртви. Само според податоците од болниците, со кои тие соработуваат, за два и пол дена (од 18 до 21 февруари) при бомбардирањето и артилериско гранатирање биле убиени 237 лица и ранети 1.285 други. Организацијата потенцира дека бројот на жртви „расте од час во час“.

Според податоците на Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, од неделата, па досега, убиени се 335 цивили, вклучително и 79 деца и 50 жени, а ранети се над 1.700 лица.

Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, како и Катар, со кого двете држави ги прекинаа дипломатските односи поради врските со Иран, апелираа сирискиот режим да ги прекине нападите врз  бунтовничката енклава.

Спонзорирано: