14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Неочекуван потег на судот: Од притвор излегуваат Бетмен и Дамовски

Љубен Арнаудов, Богдан Илиевски (Бетмен Велит) и Борис Дамовски ќе излезат од притворот во затворот во Шуто Оризари, потврдија од Апелацискиот суд во Скопје.

На шестмина обвинети за настаните во Собранието од 27 април минатата година судот им ги прифатил жалбите, а мерката притвор им е заменета со куќен притвор и одземање на пасошите.

Останатите тројца на кои судот ги прифатил жалбите и од затворски заминуваат во куќен притвор се Јане Ченто, Оливер Радулов и Иван Цветановски.

За поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, останува мерката притвор бидејќи судот му го одбил барањето.

Пратеникот Јохан Тарчуловски останува во куќен притвор.

Апелација не ги прифатила жалбите на уште четворица осомничени Горанче Ангеловски, Сашо Марковски, Илија Славевски и Вилијам Михајловски.

Одбиена е и жалбата на пратеникот Јохан Тарчуловски, кој останува во куќен притвор.

Обвинетите за упадот во Собранието се во притвор речиси четири месеци.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со настаните од 27 април во Собранието.

Четворицата од обвинетите сè уште не се достапни за полицијата.

Денеска Апелација ги разгледува жалбите на пратеникот Сашо Василевски, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски и Митко Пешов.