19.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay / Атина
СВЕТ

Грчкиот Парламент решава за вмешаните политичари во аферата „Новартис“

(МИА) – По предлог од грачката Влада, Парламентот во Атина денеска расправа за формирање прелиминарна предистражна комисија за десеттемина политичари, кои се вмешани во случајот со фармацевтската компанија „Новартис“.

Владејачкото мнозинство предложи да се формира специјална парламентарна комисија која ќе ја истражи надлежноста на Парламентот, за тоа дали да ги гони или не политичарите за мито, корупција и перење пари од криминалните активности што можеби ги направиле.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, расправата на која збор ќе земат пратеници, министрите за правда и здравство, вмешаните политичари и лидерите на политичките партии, започна претпладнево, а се очекува да заврши доцна вечерва со тајно гласање.

Предвидено е да бидат поставени 10 кутии, по една за секој политичар за кој постои сомнеж дека е вмешан во случајот „Новартис“. Пратениците ќе треба да одлучат дали се согласуваат со истагата на комисијата да биде опфатен одделно секој од политичарите чии имиња се споменато во предметот доставен од Обвинителството за борба против корупција до Парламентот.

Доколку се формира, комисијата за прелиминарна истрага ќе треба да истражи дали политичарите извршиле економски криминал во случајот „Новаритс“.

Како што објави МИА, пред две седмици, потпретседателката на грчкиот парламент на вонредна седница ги соопшти имињата на 10-те политичарите кои се споменати во предметот во истрагата за случајот со швајцарската компанија.

Меѓу нив се двајцата поранешни премиери и осум поранешни министри за здравство, финансии и труд и социјала од редовите на ПАСОК и Нова демократија.

Станува збор за Андонис Самарас, кој беше премиер од јули 2012 до јануари 2015 година, Панајотис Пикраменос, службен премиер од мај до јуни 2012, Димитрис Аврамопулос, министер за здравство од 2006 до 2009, Андреас Ловердос министер за здравство од септември 2010 до мај 2012, Андреас Лукуреѕос, министер за здравство од јуни 2012 до јуни 2013, Мариос Салмас, алтернативен министер за здравство од јуни 2012 до јуни 2013, Адонис Георгиадис, министер за здравство од јуни 2013 до јуни 2014, Јанис Стурнарас, министер за финансии од јули 2012 до јуни 2014, Евангелос Венизелос, министер за финансии од јуни 2011 до март 2012 и вицепремиер од јуни 2013 до јануари 2015 и за Јоргос Кутруманис, министер за труд и социјално осигурување од јуни 2011 до мај 2012 година.

Политичарите чии имиња се споменати во предметот, велат дека станува збор за заговор и отфрлаат секаква вмешаност.

Според грчките медиуми, во целиот случај клучна улога имаат тројца заштитени сведоци, кои под псевдоними дале исказ. Алтернативниот министер за здравство на Грција, Павлос Полакис откри дека станува збор за поранешни вработени во компанијата.

Врз база на исказите на тројцата заштитени сведоци, грчката влада го обелодени случајот „Новартис“ на 5 февруари, еден ден по протестот во Атина „за одбрана на името Македонија“.

Токму поради ова од опозициската Нова демократија коментираа дека „Новартис“ е обид на Владата да го одвлече вниманието на јавноста од другите проблеми на земјата, меѓу кои и спорот со името.

Претставници на грчката Влада случајот го коментираа како „скандал од невидени размери“.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, пред две седмици објави дека висината на поткупот во предметот е околу 50 милиони евра за периодот од 2006 до 2015, а од овие 50 милини евра, 40 милиони евра, според истите извори, веројатно се дадени пред 2010 и тоа на тројца политичари само за случај со вакцини.

Портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос објасни дека случајот е поврзан со одредување на цените на лековите, што влијаело на пазарот за лекови во 29 земји, бидејќи референтната цената на лековите за сите овие земји, се креирала во Грција.

Спонзорирано: