23.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николоски на самитот на ЦДИ: Мојата партија е под напад

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, се обрати на самитот на Центристичката Демократска Интернационала во Будимпешта каде ВМРО-ДПМНЕ беше примена за полноправна членка. На самитот меѓу другите присуствуваа и претседателот на ЦДИ Андрес Пастарана инаку поранешен претседател на Колумбија, генералниот секретар на ЦДИ Антонио Лопез Истуриз кој истата функција ја извршува и во Европската народна партија, потпретседателите Маријано Рахој- премиер на Шпанија и Виктор Орбан- премиер на Унгарија.

„Би сакал да ве информирам што и се случува на мојата политичка партија во овие моменти кога сме во опозиција. Како што знаете минатата година беше избрана нова влада во Македонија предводена од СДСМ и од тогаш мојата политичка партија е под силен напад. Слушнав што кажа лидерот на опозициската партија на Венецуела и за жал можам да видам голем број на сличности. Во овој момент шест членови на парламентот од ВМРО-ДПМНЕ од мојата политичка партија се во притвор, дванаесет проценти од нашата парламентарна група се во притвор, веќе 90 дена со обвинувања за наводен тероризам против државата. Досега без обвиненија, а обвинителот ниту зел изјава од нив, а ги посетил само еднаш“, рече Николоски.

Што значи, додаде тој, дека не постои случај, не постои истрага и нема да има пресуда и поради тоа се оди со обвинувања.

„Според законот во Македонија до две години можат да ги држат во притвор и по истекот на тие две години ќе кажат ништо извинете немаше ништо тука. Паралелно со ова, повеќе од двесте членови на мојата партија се под истрага, вклучувајќи го и поранешниот премиер Никола Груевски, голем број на членови на неговиот кабинет и сите истакнати членови на мојата партија. За голем дел од нив се прави телевизиски спектакл каде практично во живо се пренесува што се случува зошто тие одат на суд. Но генерално не постојат докази туку само шоу што трае подолго од една година“, рече Николоски.

Паралелно со тоа, додаде тој, постои голема медиумска цензура и супресија. „Скоро сите медиуми кои не ја поддржуваат владата нивните сопственици или се веќе во суд или се под истрага. За едниот од медиумите чиј сопственик одлучи да ја поддржува владата одеднаш се прекина истрагата и одеднаш увидоа дека нема ништо од тој случај. Но за тие кои решија да не ја поддржуваат владата истрагата продолжува“, рече Николоски.

Паралелно со ова, додаде тој, владата во комуникациите со меѓународната заедница кажува само убави зборови и премиерот ги кажува оние работи кои меѓународната заедница сака да ги чуе. Тој побара поддршка за ослободување на шестмината пратеници од притвор.

„Ние се обидуваме да ја реизградиме партијата со лимитираните можности кои ги имаме. Мислам дека покрај сите потешкотии добро е што народот е зад нас. Следната година ќе има избори, се надеваме на добри резултати и се надеваме дека овој политички терор кој се случува на мојата политичка партија ќе заврши“, рече Николоски.

Спонзорирано: