12.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев се сретна со Јилдирим: Мешовит комитет ќе ја подобрува соработката со Турција на секое ниво

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со својот турски колега Бинали Јилдирим во рамките на официјалната посета на Република Турција. Заев е придружуван од министерот без ресор, Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија, Енес Ибраими и Јусуф Хасан, и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски.

На почетокот на средбата македонскиот премиер изразил сочувство за жртвите во борбата против тероризмот со цел заштита на територијалниот суверенитет и интегритет на Турција, информираат од владината прес-служба. Притоа од двете страни била истакната согласноста дека борбата против тероризмот е важно прашање за заштита на светскиот мир.

Двајцата премиери на тет-а-тет средбата, а потоа и на ниво на делегации, изразиле определеност да придонесат кон создавање услови за унапредување на економската соработка меѓу двете земји и за зголемување на трговската размена. Договорено било активирање на Мешовитиот комитет меѓу двете држави, кој фикасно ќе ги решава сите потреби за подобра соработка на секое ниво.

Премиерот Заев соопштил дека од страна на Република Македонија комитетот ќе го води министерот без ресор, Аднан Ќахил.

„За нашата држава важни се сите инвестиции, а Турција е 6-та во Македонија по бројност на инвестиции. Подготвени сме да создадеме услови за уште повеќе инвестиции бидејќи има заинтересирани инвеститори“, рекол премиерот Заев. На средбата особено се разговарало за можноста за олеснувања, посебно во земјоделството.

„Ние очекуваме напредок во ЕУ и НАТО-интеграциите оваа година, а тоа очекуваме да влијае на зголемување на инвестициите, а со тоа подобар квалитет на живот на граѓаните“, рекол премиерот Заев.

На средбата на двете делегации македонскиот премиер побарал да продолжи поддршката од Турција за членството на Македонија во НАТО.

Спонзорирано: