20.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ бара Владата да пристапи кон интервентен откуп на оризот

Неодговорната политика на СДСМ кон земјоделството ги остава оризопроизводителите во Кочанско-виничкиот Регион без обезбеден откуп на оризот, а со тоа и без основни средства за егзистенција, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Покрај немањето откуп, оризопроизводителите на почетокот на сезоната се соочија и со ниски откупни цени, кои не поминуваат 18 денари за арпа, односно 35 денари за бел ориз.

Ова е сосема спротивно на ветувањето на СДСМ дека цената на оризот по неговото доаѓање на власт нема да биде пониска од 25 денари за арпа, односно 50 денари за бел ориз, што се виде дека ниту ќе ја оствари ниту, пак, ќе преземе мерки за решавање на проблемот.

Ситуацијата е алармантна. Доколку Владата не реагира и не им помогне на оризопроизводителите, прашање ќе биде и претстојната сеидба, но и опстанокот на стотина земјоделци од Кочанско-виничкиот Регион. Потребни се итни и ефективни мерки за помош на земјоделците.

ВМРО-ДПМНЕ бара Владата да пристапи кон интервентен откуп на соодветни количини ориз што останаа неоткупени, со што ќе се изврши стабилизирање на цените и пазарот. Со тоа оризопроизводителите ќе се спасат од економски крах и ќе може да ја продолжат својата дејност и оваа година.

Владата мора веднаш и без одлагање да го изврши интервентниот откуп во интерес на опстанокот и егзистенцијата на оризопроизводителите. ВМРО-ДПМНЕ дополнително предлага во овие тешки периоди за оризопроизводителите Владата да пристапи кон субвенционирање на потрошената вода за наводнување од единица површина за минатата и за оваа претстојна година.

Потребно е и изготвување долгорочни мерки и проекти со кои производството на ориз ќе се интензивира и ќе ја зголеми конкурентноста на поширокиот регионален пазар. За ова е потребно воведување современи технологии и сорти што ќе го зголемат приносот и ќе ги рационализираат трошоците. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, во соработка со владата на Република Турција и научните институции од двете земји, спроведе успешен проект со кој ја зголеми сортната структура. Ова треба да продолжи со цел да се постигне целта за долгорочно решавање на проблемот со оризопроизводството и тоа да стане порентабилно.

Овие мерки се нужни и неопходни. Доколку Владата навистина води грижа за земјоделството и за оризопроизводителите, веднаш и неодложно ќе ги преземе овие мерки во насока на обезбедување на егзистенцијата на земјоделците“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.