26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Шефот на ЦИА: Некогаш закани стигнуваа од Југославија, сега од „Викиликс“

Директорот на ЦИА, Мајк Помпео, изјави дека во текот на историјата заканите најмногу доаѓале од националните држави и во тој контекст ја наведе Југославија. А денеска, како што рече Помпео, сè поголема опасност претставуваат недржавните актери, како што е „Викиликс“.

„Во книгите за историја ќе читате кои национални држави биле закана за Америка. Ќе читате што правела Америка против заканите што стигнувале од Југославија и други национални држави“, рече Помпео во обраќањето на Американскиот претприемачки институт.

Како што истакна Помпео, денеска заканите многу поинаку треба да ги сфати разузнавачката заедница бидејќи поголеми закани стигнуваат од недржавни актери.

„Без разлика дали заканите доаѓаат од група како Хезболах, Ал каеда или „Викиликс“. Тие немаат знаме во Обединетите нации и претставуваат вистинска закана за САД“, предупреди Помпео.

Поради тоа, разузнавачката работа на ЦИА мора да одговара на актуелната ситуација. Меѓу заканите тој ги вброи и Јужна Америка, Иран и Северна Кореја.