22.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Двете страни се отворени за дијалог и изнаоѓање решенија, соопштија од Владата по средбата со КСС

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерката за образование и наука Рената Тренеска Десковска, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и Бранимир Јовановиќ, од Кабинетот на министерот за финансии, денеска се сретнаа со претставници на Конфедерацијата на слободните синдикати (КСС).

„На состанокот претставниците на КСС ги информираа претставниците на Владата за состојбите во остварувањето на работничките права. Разговарајќи по одделните точки, наведени како причини за штрајкот, најавен за утре, 17 јануари, претставниците на Владата и на КСС заклучија дека двете страни се заинтересирани за развивање на социјалниот дијалог во насока на изнаоѓање начин за решавање на прашањата поврзани со функционирањето на Економско-социјалниот совет и усогласувањето на платите во јавниот сектор согласно со зголемувањето на минималната плата на национално ниво“, соопштија од Владата.

Царовска информираше дека во однос на покачувањето на платите, во тек се анализите за покачување на коефициентите на вработените во одредени сектори, покрај веќе договореното зголемување на платите за вработените во градинките.

Таа истакна дека се настојува да се надминат досегашните парцијални и нецелосни решенија со цел изнаоѓање системско решение врз основа на консултативен и партиципативен пристап, при што ќе бидат понудени основни начела за утврдување плати.

На средбата било истакнато дека во буџетот за 2018 година се предвидени покачувања на платите во образованието, здравството, социјалната заштита и одбраната. „Претставниците на Владата ја повторија подготвеноста да се разговара и за други идни покачувања на платите согласно со Колективниот договор и буџетските можности, како и реформите во администрацијата“, соопшти Владата.

„Не бараме пофалби, туку партнерство и разбирање во намерата да најдеме решенија за напластените проблеми“, нагласи вицепремиерката Шекеринска, која истакна дека Владата на РМ поддржува синдикално организирање, кое е загарантирано со Уставот на РМ, со цел подобрување на стандардот и квалитетот на живот на сите граѓани.