18.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

На маса три имиња за Скопје, пишува грчкиот весник „Риал њуз“

„Северна Македонија“, „Горна Македонија„ и „Нова Македонија“ се трите имиња што ќе се најдат на маса на средбата на медијаторот  на Обединетите нации Метју Нимиц со преговарачите на двете земји, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, пишува грчкиот весник „Риал њуз“.

„Имињата „Северна Македонија“, „Горна Македонија“ и „Нова Македонија“ се имињата што ќе ги предложи Нимиц, иако не е исклучено тој во последен момент да смисли ново сложено име. Медијаторот на ОН ги одбрал овие имиња помеѓу другите што биле ставени на маса, како што се „Вардарска Македонија“, „Славомакедонија“, предлог што се чини дека не го прифаќаат Албанците од Скопје“, објави весникот.

Во текстот се наведува дека грчкиот премиер Алексис Ципрас ставил до знаење дека преговорите имаат рок на траење и ако нема перспектива за решение, тогаш март ќе биде месецот кога ќе треба да се забрзаат разговорите.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, вчера изјави дека во моментот со Грција не се разговара за потенцијално име.

Тој рече дека Владата нема предрасуди да разговара за сите прашања и решенија што ќе значат унапредување на односите меѓу Република Македонија и Република Грција, кои се во интерес на граѓаните.

„Интензивно работиме на градење мерки на доверба, сè што се случува во изминатиот период е во таа насока. Основната идеја е дека Владата очекува оти сите идни одлуки ќе бидат синхронизирани и со согласност од двете страни и ќе ја зацртаат предвидената динамика на евро-атлантските процеси“, рече Бошњаковски.