12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Османи: Евентуалниот старт на преговорите ќе го дочекаме подготвени

Во поглед на Планот 3-6-9 Вицепремиерот Бујар Османи изрази задоволство од имплементацијата на првиот дел од Планот, делот три, со чија имплементација се создадоа услови за одржување на фер, слободни и кредибилни локални избори – главна цела на првиот дел од Планот. Османи учествуваше на Едукативно – дебатната сесија #EUROTALK каде пред претставници на граѓанското општество ги образложи состојбите со европските интеграции, досега постигнатите резултати, како и предизвиците кои нѐ очекуваат во 2018 година.

Тој додаде дека имплементацијата на деловите Шест и Девет од Планот е фокусирана на приоритетните области реформите на безбедносните служби, реформите во правосудството, како и реформите на јавната администрација додавајќи дека Владата презеде обврска истите да ги имплементира заклучно со февруари 2018 година, пред излегување на стратегијата за проширување на Европската Комисија, која ја најави Претседателот на Комисијата Жан Клод Јункер.

„На вчерашната седница на Владата помина клучниот пакет реформи на безбедносните служби, заедно со пакетот реформи за механизмот за надворешна контрола на работат на полицијата. Со ова почнува процесот на затворање на едно од најтешките прашања – реформа на безбедносниот систем, како најзначајно прашање дефинирано во забелешките на високата експертска група предводена од Рајхард Прибе“ – истакна Османи. Тој додаде дека МВР, Министерството за Правда, но и работната група која беше посветена на овие реформи постигнаа голем успех, изготвувајќи квалитетни реформи кои суштински соодветствуваат со препораките и забелешките од кои произлегува потребата за реформи.
Вицепремиерот Османи се осврна и на предизвиците кои нѐ очекуваат во 2018 година како историска година на можности за конечно да ги затвориме прашањата за ЕУ и НАТО. „Имаме добра основа да се надеваме дека 2018 година ќе го затвориме прашањето за европските интеграции, што значи да ги отвориме преговорите за членство во Европската Унија. Ова е најважниот предизвик за 2018 година, кој мора да го дочекаме подготвени и како Секретаријат за европски прашања, како граѓански сектор чии фокус се европските интеграции, и воопшто, како општество кое цели кон европските вредности“ рече Османи.

Тој додаде дека Секретаријатот за европски прашања, како институција која е најодговорна да го води процесот на преговори, имаа обврска да го дочекаат евентуалниот старт на преговорите со подготвен тим, структура и администрација која ќе може да се носи со предизвикот на преговорите.

Едукативната дебата е во организација на Здружението на граѓани за истражувања, анализи и развој на јавни политики „ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии“, а учествуваат претставници на граѓанскиот сектор во Македонија.