17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Синдикатот на Карпош потпиша договор за повеќе права на вработените во општината

Колективен договор за административните службеници и другите вработени во Општина Карпош беше потпишан денеска од страна на претседателот на Синдикалната организација на Општина Карпош, Ненад Зафировски, претседателот на гранковиот синдикат на УПОЗ, Пеце Груевски, и градоначалникот на Општината, Стефан Богоев.

Со овој трипартитен договор треба да им се обезбедат повеќе права на вработените во Карпош, дури од оние кои се пропишани со Закон, изјавија потписниците на Колективниот договор.

Претседателот на општинскиот синдикат, Ненад Зафировски, посочи дека Општината за првпат склучува ваков договор со кој ќе се унапредуваат правата на работниците во оваа локална самоуправа, и тоа во повеќе делови: додатоци на плати, регрес за годишни одмори, додатоци на плата, користење слободни денови и сл.

Градоначалникот Богоев како работодавач го истакна своето задоволство од овој договор со кој ќе се овозможи и мотивирана и професионална општинска администрација.

„Нашата цел е да градиме професионална општинска администрација која ќе биде вистински сервис на граѓаните“, изјави во оваа пригода градоначалникот на Карпош Стефан Богоев. Со унапредувањето на работничките права ќе добиеме мотивирани административни работници, но, секако, целосното извршување на работните обврски и должности е исто така гарантирано со Колективниот договор. Граѓаните тоа го очекуваат од нас, а тоа значи двостраност, поголеми права, но и поголеми обврски на администрацијата, на чие професионално унапредување засилено ќе работиме“, изјави Богоев.

Според Пеце Груевски, претседател на УПОЗ при ССМ, ова претставува свечен момент за вработените на Општина Карпош. Карпош е меѓу првите општини кои го потпишаа овој колективен договор, а тоа е посебно значајно бидејќи ја имаат и една од најголемите синдикални организации во управата.