8.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Турција ќе им помогне на Палестинците да го тужат Израел во Меѓународниот кривичен суд

Турскиот министер за надворешни работи изјави во четвртокот дека на Израел треба да му се суди во Меѓународниот кривичен суд (МКС) за масакрирање на Палестинците во неодамнешните судири на границата во Појасот Газа велејќи дека Анкара активно ѝ помага на палестинската власт да подготви тужба против Израел.

„Израел треба да биде изнесен пред Меѓународниот кривичен суд. Бидејќи трети страни не можат да го сторат тоа, Палестина мора да го иницира ова“, изјави министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.

Палестинците му се приклучија на МКС како член и го потпишаа Римскиот статут во 2014 година, што значи дека палестинската власт може да го тужи Израел во Хаг.

„Анализираме какви законски мерки може да се преземат“, рече Чавушоглу додавајќи дека неговата земја им дава правна помош на Палестинците.

Тој нагласи дека меѓународната комисија мора да го испита насилството во Газа и дека Израел треба да ги објасни своите постапки. Чавушоглу исто така побара од Генералното собрание на ОН да донесе резолуција за Ерусалим кога САД неделава ја отворија својата нова амбасада во главниот град.

Турција во понеделникот ги отповика своите амбасадори од Израел и од САД во знак на протест поради начинот на кој Израел се справува со пограничните немири во Појасот Газа, кои се случија истиот ден кога беше отворена американската амбасада во Ерусалим. Критикувајќи ја реакцијата на Израел, Ердоган во понеделникот рече дека Израел е терористичка држава што извршила геноцид.

Нетанјаху возврати ден подоцна велејќи дека како главен поддржувач на Хамас, турскиот лидер самиот вил вклучен во тероризам и колеж. По критиките на Нетанјаху, Турција го протера израелскиот амбасадор Еитан Наех поттикнувајќи го Израел да одговори со иста мера протерувајќи го турскиот конзул од Ерусалим.

Во екот на дипломатскиот судир, Ердоган во вторникот се состана со претставници на „Нетуреи Карта“, група што ги отфрла ционизмот и државата Израел врз верска основа и чии членови учествуваа на конференција за негирање на холокаустот спонзорирана од владата во Техеран.