Објавен конкурсот за Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар

Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар го објави  конкурсот за овогодинешното издание на манифестацијата. Фестивалот годинава се организира по петти пат, а во конкурсот се определени условите за пријавување на заинтересираните автори на поетски творби.

Право да конкурираат имаат поетите од Македонија и од Балканските земји, кои ќе се натпреваруваат во две возрасни категории, до 18 години и над 18 години. На конкурсот учествуваат со испраќање на три необјавени песни, не подолги од 32 реда, напишани на мајчин јазик (учесниците на кои македонскиот не им е мајчин јазик, задолжително доставуваат препев на македонски јазик). Во однос на темата и формата на песните ограничувања нема. Творбите се испраќаат на електронската адреса на фестивалот: literaturniiskri@yahoo.com. Пристигнатите песни ќе ги оценува стручна комисија, која освен избор на наградени, ќе направи и селекција на автори што ќе бидат застапени во заедничка збирка, алманах.

Рокот за пријавување е до 5-ти мај.

Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ се организира во чест на 24-ти Мај, Денот на словенските просветители Св.Кирил и Методиј. Организатори се Здружението за култура „Дунек“ во соработка со Центарот за култура АСНОМ – Гостивар.

Меѓу наградените на фестивалот во претходните изданија се поетите: Стефан Марковски, Слаѓана Ставревска, Вања Савова (Бугарија), Невен Лукачевич (Хрватска), Кристина Мерклер и други.

Во тренд…