17.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Pixabay
СВЕТ

Вашингтон и Москва војуваат со преименување улици

Најновите престрелки меѓу Москва и Вашингтон во стил на Студената војна од социјалната мрежа „Твитер“ преминаа на бојно поле во врска со имиња на улиците, пишува американскиот печат.

Според информациите, станува збор за преименување улици во Вашингтон и Москва, во кои се наоѓаат амбасадите на двете земји, при што целта е да се избере име што претставува провокација за другата страна. Сепак, како што истакнува „Њујорк тајмс“, оваа војна ја започнала Америка.

Така, потсетува весникот, на 10 јануари Советот на Град Вашингтон одлучил да го промени името на еден блок од авенијата Висконсин, каде што се наоѓа руската амбасада. Било одлучено дека улицата каде што се наоѓа руското претставништво ќе го носи името „Борис Немцов“.

„Њујорк тајмс“ потсетува дека Немцов бил истакнат руски опозиционер и остар критичар на рускиот претседател Владимир Путин, кој беше застрелан пред Кремљ во февруари 2015 година.

Меѓутоа, и Москва имала одговор за ваквата провокација. Нивниот предлог за името на улицата на која се наоѓа американската амбасада во главниот град на Русија бил „Прв северноамерикански ќор-сокак“ (1 North American Dead End).

За волја на вистината тој предлог на „Твитер“ го изнел Михаил Дегтјаров, десничар во рускиот парламент, кој тврди дека московската комисија за именување улици ќе го разгледа неговиот предлог во текот на овој месец.