13.8 C
Скопје
15. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Кинескиот претседател денеска пристигнува во Белград: ќе го чуваат илјадници полицајци

Кинескиот претседател Шји Џјинпинг денеска доаѓа во официјална посета на Белград, а според Танјуг, за неговото пристигнување се преземени големи безбедносни мерки, па неговата делегација ќе ја штитат 3.400 полицајци.

Ќе го пречекаат српските ловци МиГ-29 кои ќе го следат неговиот авион од границата, а на аеродромот во Белград во негова чест ќе биде построена стража на војската на Србија.

Покрај автопатот во Белград се поставени кинеското и српското знаме, а пред Палатата Србија ќе биде организиран и свечен пречек на кинеската делегација, броена од 400 луѓе, а планирано е да се потпишат повеќе од 30 договори.

Ќе биде организиран и свечен ручек, а кинескиот претседател ќе има можност да дегустира српски јадења и вина, а ќе има и музичка програма на српски и кинески јазик“.

Домаќин на кинескиот претседател ќе биде српскиот претседател Александар Вучиќ.

Шји последен пат беше во Србија во 2016 година, што беше прва посета на претседателот на Кина на Србија по 32 години и по тој повод беше потпишана Декларацијата за стратешко партнерство.

Вучиќ се сретна со Шји во октомври минатата година во Пекинг, кога беа потпишани 18 договори, меѓу кои и договорот за слободна трговија меѓу Србија и Кина, кој наскоро треба да стапи на сила.

Ова е прва посета на претседателот Шји на Европа во последните пет години, од избувнувањето на пандемијата Ковид-19, а за време на оваа европска турнеја тој ќе посети само три европски престолнини – Париз, Белград и Будимпешта.

Петдневната турнеја ја започна со посета на Франција на 5 мај, во Белград доаѓа на 7 мај, а потоа ќе ја посети Будимпешта.

На последната средба меѓу кинескиот и српскиот претседател во октомври минатата година во Пекинг, покрај Договорот за слободна трговија, беа потпишани и неколку билатерални документи, како оние за полициска соработка во управувањето со вонредни ситуации, изградбата на патишта, индустриски парк, извоз на јаболка, дигитализација./Извор:Makfax