14.8 C
Скопје
22. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Зеленски пристигна во Литванија барајќи воена поддршка: „Русија не е закана само за Украина“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека пристигнал во Литванија на самитот на иницијативата за три мориња на разговори со лидерите на Централна и Источна Европа за поддршка на Украина во војната против Русија.

Зеленски пристигна во Вилнус додека Русија ги засилува воздушните напади врз енергетската инфраструктура на Украина и тој повторно побара воена помош од Западот.

„Сега главната задача е да дадеме сѐ од себе за да го зајакнеме нашиот систем за воздушна одбрана, да ги задоволиме итните потреби на украинските одбранбени сили и да ја консолидираме меѓународната поддршка за да можеме да го победиме рускиот агресор“, напиша Зеленски на платформата „Икс“.

Истовремено, тој посочи дека Москва не е закана само за Украина, туку за сите земји што граничат со Русија и за сите оние што го почитуваат меѓународното право.

Литванија, еден од најблиските сојузници на Украина, денеска е домаќин на лидерите на иницијативата за три мориња, регионален сојуз што ги обединува членките на ЕУ меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското Море. На состанокот се очекува да биде усвоена декларација за унапредување на соработката со Украина и Молдавија.

АФП објави дека Зеленски разговарал и со својот литвански колега Гитанас Науседа, главно за потребите на Украина бидејќи воената поддршка од западните сојузници опаѓа. Како што информираат од кабинетот на литванскиот претседател, во фокусот на разговорите ќе бидат ситуацијата на фронтот, потребата од воена и финансиска помош и можноста Украина да влезе во НАТО.