23.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ЕП: Русија да и го врати златото на Романија

Европскиот парламент денеска усвои необврзувачка резолуција во која се наведува дека Русија треба да и го врати на Романија златото и другите вредни предмети што беа испратени во Москва за време на Првата светска војна.

Ова го соопшти романскиот пратеник Еуген Томац, кој со поддршка на Народната банка на Романија предложи усвојување на резолуцијата, а одлуката на европратениците ја поздрави како „историска“.

„Романија не може и не смее да прифати ништо помалку од враќањето на 91,5 тони злато и целото културно богатство“, рече романскиот политичар.

Тој изјави дека иако има мали шанси Русија да го врати златото, „важно е да не се откажуваме“.

Засега Москва не ја коментираше усвоената резолуција.

За време на Првата светска војна, Кралството Романија испрати 91,5 тони злато и инготи во Москва, заедно со скапоцени камења и културни богатства, како што се уметнички дела. Златото беше конфискувано откако болшевиците ја презедоа власта во Русија во 1917 година, а последователните напори на Романија да го врати своето злато беа неуспешни.