10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Израелецот кој помина 54 дена во заробеништво во Газа: „Ме оперираа без анестезија“

Ослободениот израелски заложнил, кој беше киднапиран на музичкиот фестивал „Супернова“ откако беше ранет во ногата, зборуваше за деновите во заробеништво во Газа откривајќи дека бил опериран без анестезија.

За време на 54-те дена додека Итај Регев (19) бил држен во Газа, му било кажано дека израелската влада не сака да го врати и дека повеќето заложници загинале при напад на израелската армија.

Така, рече тој, милитантите на Хамас се обиделе да го натераат да се плаши од ИДФ повеќе отколку од нив.

„Тоа беше процес и тоа го правеа постепено“, изјави овој млад човек при посетата на Лондон.

„Тоа беше вистинска психолошка војна со која сакаа да ме натераат да се плашам од нападите на израелската армија повеќе отколку од моите киднапери“, изјави Регев за Гардијан.

Додека Израел се обидува да ги ослободи другите заложници заробени од Хамас за време на нападите на 7 октомври, во кои загинаа 1.200 луѓе, израелските воени напади убија повеќе од 31.000 луѓе во Газа втурнувајќи ја територијата во хуманитарна криза.

Во ноември привремениот прекин на огнот дозволи ослободување на Регев, неговата сестра Маја и повеќе од 100 други заложници во замена за 240 Палестинци, кои се држат во израелските затвори.

Бидејќи неодамнешните разговори за посредување за прекин на огнот се чини дека се прекинати, Регев рече дека главен приоритет на израелските власти треба да биде враќањето на речиси 130-те луѓе што сè уште се држат како заложници.

„Примирјето нема цел доколку заложниците не се вратат“, рече Регев, чиј пријател Омер Шем-Тов (21) сè уште е во заробеништво.

Маја Регев, сестрата на Итај, и неговиот пријател Омер присуствувале на музичкиот фестивал „Супернова“ на 7 октомври, на помалку од пет километри од границата со Газа, неколку дена по враќањето од одморот во Мексико. Кога слушнале истрели и вресоци, сфатиле дека мора да почнат да бегаат.

Луѓето почнале да паѓаат околу нив додека куршумите летале од сите страни, се сеќава Регев. Додека барале засолниште во автомобилот, Хамас испукала истрели погодувајќи ги и Регев и неговата сестра во ногата.

„Не сфатив дека сум заробен“, рече Регев додека се сеќаваше дека го возеле преку граница. Од задниот дел на камионот со врзани раце и опкружен со луѓе од Хамас тој рече дека можел да ги слушне смеата и овациите на луѓето што биле воодушевени што терористите ги носат заложниците.

Тие првин биле однесени во куќа и спуштени во тунел пред да бидат однесени во болница, рече тој, каде што ‘преплашениот’ лекар без анестезија му го извадил куршумот од ногата. Киднаперите со кои цело време бил опкружен му рекле да молчи или ќе го убијат.

Првата недела ги држеле заробени во заклучена соба од една куќа, лишени од дневна светлина и со малку храна, недоволна за него и за сестра му.

По пет дена, Маја била пренесена во болница на лекување на раната. Тие комуницирале еднаш на секои две недели преку пораки. Регев и Шем-Тов ноќе биле преместени меѓу три куќи, а во една пригода биле принудени да носат бурки.

На прашањето за одговорот на Израел на нападите од 7 октомври и воената акција во која загинаа повеќе од 30.000 луѓе во Газа, Регев рече дека се обидува да се дистанцира од тоа колку што е можно повеќе.

Кога дошла веста дека ќе биде ослободен, Регев рекол дека во тој период полека престанувале звуците на војна околу нив, па мислел дека на конфликтот му дошол крајот.

Регев беше предаден на претставници на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, кои го изнесоа од Газа.

Сега тој ги посвети своето време и енергијата на подигање на свеста кај израелските и светските лидери за заложниците во Газа повикувајќи ги да му дадат приоритет на враќањето на оние што сè уште се држат во заробеништво.